Drukuj

Polsko-macedońska koprodukcja teatralna, jaką jest „Przerwana odyseja” Roberta Urbańskiego w reżyserii Jacka Głomba, doczekała się polskiej premiery na scenie w Legnicy. „Wielu widzów nie mogło ukryć łez. Było to fantastycznie przygotowane widowisko, które nie pozostawiło obojętnymi nawet widzów neutralnych wobec opowiadanych historii. To, co przeżyłem, po prostu nie da się opisać w krótkich słowach” – pisze mieszkający od ponad 25 lat w Polsce Zdravko Stamatoski, twórca Internetowego serwisu „Moja Macedonia” (tekst w całości po macedońsku).


На 18 ноември 2016 се одржа полската премиера на театарската претстава “Прекината одисеја“ во изведба на актерите од полскиот Театар Моджејевска од Легница и Македонскиот народен театар од Скопје. Овој прекрасен културен настан го режираѓе Јацек Гломб, директорот на театарот од Легница, во тесна соработка со Дејан Пројковски, директорот на нашиот МНТ. Од полска страна актерскиот ансамбл го сочинуваа Рафал Ќелух, Габриела Фабиан, Бартош Буланда, Анита Поддембњак, Зуза Моторњук, Малгожата Урбанска, Катажина Дворак-Волак, Роберт Гулачик, Богдан Гжешчак, Павел Волак, Павел Палцат, Магда Скиба и Матеуш Кшик.

Од македонска страна во претставата учествуваа Владо Јовановски, Томе Витанов, Снежана Конеска-Руси, Трајче Ѓоргиев, Борче Начев, Сашка Димитровска, Билјана Јовановска и Софија Насевска-Трифуновска. Драматург на претставата е Роберт Урбански, за сценографијата се погрижи Малгожата Буланда, музиката ја осмисли Горан Трајкоски, кореографијата е на Александра Кочовска-Начевска, а преводот на дијалозите на двата јазика, македонскиот и полскиот, беспрекорно го изврши преведувачот Григори Поповски, и самиот потомок на родители учесници во оваа наша историска трагедија.

Самата претстава од страна на актерите е подготвувана во две етапи, едната е од 8-30 јуни о.г. во Кудова Здруј, во автентичен амбиент кај што биле сместувани прогонетите деца, но само од страна на полскиот ансамбл. Македонските заеднички подготовки се вршени од 5-16 септември, непосредно пред премиерата и репризите во Македонија.

По македонските претстави одржани минатиот месец, сега на ред дојдоа полските. Премиерата на театарската изведба на трагедијата со која што се сретнале Македонците од Егејска Македонија дојдени во Полска и насилно оттргнати од своите домови во годините за време на Граѓанската војна 1948-49, се одржа на матичната сцена во Театарот Моджејевска во Легница. Салата беше претесна да ги прими сите заинтересирани гледачи, исполнета беше главно од Македонци што живеат во Полска, нивни пријатели, колеги и роднини, а меѓу присутните имаше се’ уште живи протагонисти на овој наш историски непокор, историска болка и неправда. По претставата и тие, и другите присутни не можеа да ги скријат солзите што ги предизвика фантастично подготвениот спектакл, кој не ги остави без реакции дури ни неутралните гледачи.

Нашиот театар се претстави во прекрасно издание, со голема доза на професионалност и внесеност во претставата, за вкупниот впечаток да биде ваков придонесе и беспрекорното вчувствување на полскиот актерски дел од Театарот во Легница со оваа наша македонска трагедија, како и нивниот исто така срдечен и прфоесионален ангажман. Тешко е во кратки зборови да се опише и да се долови онаа симбиоза што актерите на врвен начин ја воспоставија и во меѓусебната комуникација, и покрај делумно јазичните бариери, со гледачите на сцената “Гаџицка“. Самиот како автор на повеќе статии и трудови од областа на прогонството на македонските деца, на нивните родители и ранети партизани (во конкретниов случај во Полска), честопати овие 27 години сум се наоѓал во ситуации да слушам секакви тажни приказни, да читам кореспонденции испратени до мене од кои срце се кине од тага, а солзи сами навираат. Но, ова што го доживеавме едноставно не може да се опише со доволен број зборови. Проект што со огромен самопрегор е осмислуван 2 години, но кој во мислите на главните негови осмислувачи Јацек Гломб и Дејан Пројковски тлеел многу подолго, не ни може да се прераскаже само во еден текст, една рецензија, еден оглед или еден контекст. Без оглед дали се работи за споменатата театарска игра и израз на двете актерски екипи, дали за нивниот совршен изговор на не-матичните јазични изрази, т.е. на македонските актери во поглед на повремените полски фрази и обратно, дали фантастичната и вдахновена изведба на “Ој јаворе, ти јаворе“ на Катажина Дворак, испеана на беспрекорен македонски јазик и со неверојатна дикција и интонација на рефрените, со која заврши првиот – полскиот дел од претставата.

Вториот дел, како што го осмислиле сценариото главните протагонисти, се однесуваше на едно современо гледање на животот во пост-прогонството. Всушност, како во подоцнежниот период истите ликови повторно се среќаваат, се соживуваат со своите преживеани судбини гледани од поинаков временски аспект и каков однос граделе во меѓувреме и кон другите ликови, и кон појавите што ги опкружувале. Се работеше за давање извесен суд на постапките на полските воспитувачи во Државните воспитни центри во средините кај што биле населени прогонетите, покажани низ призма на доживеаните пост-трауматски болки на децата-бегалци.

И овој последен термин не ми дава мир веќе подолго време. Во досегашната македонска историографија и се’ уште во оптек е терминот деца-бегалци, кој според мене (а во однос на што по претставата разговарав и со самите актери и преживеани лица, главно сите се согласија со мене) сосема не соодветствува со реалноста. Бегалец во денешно време секако е и оној што принудно морал да го напушти своето родно огниште, впрочем целиот свет денешно време се соочува со голема бегалска криза која се одвива од арапските кон земјите од главно Западна Европа.  Но, исто така бегалец е и тој што доброволно бега од своите краишта, евентуално не сака да се врати таму под одредени услови, заради кои што ја напуштил матичната средина, значи нешто што сосема е во колизија со првото семантичко толкување. Така што кога ја имаме пред очи трагедијата на Македонците од нашиот егејски дел, и од семеен, и од национален агол гледано, не смееме да го занемариме фактот дека нашите деца-бегалци се пред се’ прогонети деца, т.е. деца коишто од Егејска Македонија кон крајот на 40-тите години од XX век, биле едноставно прогонети од своите домови. Затоа ова поклопување на значењата би било добро да се избегне преку употреба на посоодветниот термин – прогонети деца од Егејска Македонија.

Секако, не смее да се изостави аспектот кој како своја основна фабула го постави полскиот дел од актерскиот ансамбл, а тоа е топлината, срдечноста и вниманието со кое тогашните полски власти ги имаат прифатено децата од Егејска Македонија. По првичните дилеми дали се работи за “деца од Грција“, воспитувачите во Државните воспитни центри веднаш констатираат дека тоа се деца дојдени од средина која впрочем се служи со не така далечен за нив јазик, со македонскиот јазик како дел од словенската група на јазици, делумно разбирлив и за Полјаците. Се воспоставуваат тесни, пријателски и емотивни врски меѓу нив и македонските прогонети деца, кои – како што е познато – подоцна резултираат со нераскинливи пријателства и мешани бракови. Наративниот момент е доста силен во сите фрагменти од двата дела во претставата, иако за нас Македонците што со години живееме во Полска, но не сме директен производ на оваа трагедија, посуштински и поактуелен ни изгледаше македонскиот дел, т.е. поставката подготвена од нашиот Македонски народен театар. По претставата сретнав доста лица – Македонци од Полска,  коишто слично на авторот на овие редови се дојдени во Полска како резултат на т.н. “четврт иселенички бран“ и по претставата речиси сите имавме исти согледби по ова прашање. Како информација, во моите трудови посветени на оваа тема главно разликувам 4 основни бранови – првиот е оној од XVIII век поврзан со винарите населени во Калиш и околните градови од Вјелкополска, на почетокот на XX век го бележам бранот на македонските бозаџии и слаткари главно концентрирани околу Бјалисток во северо-западното Подласје, третиот е споменатиов егзодус од Егејска Македонија од 1948-49 и сите ние што сме дојдени 80-тите и 90-тите години од минатиот век сме припадници на четвртиот иселенички бран.

Вечерва (текстов е пишуван на 21 ноември) претставата за нашите прогонети деца од Егејска Македонија во Полска продолжува во Вроцлав, европската престолнина на културата за 2016 година. Град во кој во моментов живеат најмногу Македонци во Полска и само можам да претпоставам како ќе изгледаат реакциите и таму. Потоа претставата гостува во југозападните градови Валбжих и Јелења Гура, уште еднаш во Легница на 25 ноември и за крај ќе биде прикажана во Катовице и Краков.

За крај ќе споделам еден цитат од учесник во ова прогонство, лик кој сакаше да го искористи своето право да остане анонимен и кој уште пред 5 години на моите истражувачки анкети ми го напиша следново (во факсимил ќе биде објавено во мојата книга што се наоѓа во завршна фаза), а што совршено го отсликува она што претставата и директно, и индиректно сакаше да го сугерира, а во што успеа на доста ефектен начин:

“Патриотизмот според мене е да и’ служиме на татковината, да и’ се посветиме. Порано се давал животот за татковината. Но, јас татковина немам. Не’ избркаа од грчката Македонија, се’ ни одзедоа. И до овој момент во Грција не можеме да кажеме дека сме се родиле таму, дека таму била нашата татковина. Во Вардарска Македонија бевме Грци, во Бугарија Срби, а во Грција Бугари или Срби. Ние сонувавме да имаме татковина. Нашите сништа и понатаму траат“.

(Zdravko Stamatoski, "Во Легница одржана полската премиера на претставата “Прекината одисеја“”, https://mojamacedonia.wordpress.com, 21.11.2016)