Minister kultury Macedonii Elizabeta Kanczewska-Milewska uczestniczyła w czwartek 14 lipca w Skopje w prasowej próbie macedońskiej części spektaklu „Przerwana odyseja”, wspólnej produkcji legnickiego Teatru Modrzejewskiej i Macedońskiego Teatru Narodowego, którą reżyseruje Jacek Głomb. Relację z wydarzenia opublikowały macedońskie media. Poniżej jedna z nich.


Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска, 14 јули, присуствуваше на проба од претставата „Прекината одисеја“, копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджејевск“ од Легнице. Режисер е Јацек Гломб.

Премиерата ќе биде на 17 септември во МНТ. Претставата ќе биде изведена во Македонија и во Полска, на македонски и на полски јазик со актери од двете држави. Темата е егзодусот на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија во Полска, во градот Легнице во периодот од 1946-1949 година.

- Видовме еден мал дел, полска песна која ја пејат нашите актери. Режисерот прави компилација, запознавајќи ја македонската историја, култура, традиција и се разбира полската култура и традиција, рече Канческа-Милевска.

Таа информира дека во претставата играат околу 30 актери од Македонија и Полска. Изминатот период режисерот работеше со полските актери, а од ансамблот на МНТ играат актерите Владо Јовановски, Софиа Насевска-Трифуновска, Сашка Димитровска, Снежана Коневска – Руси, Билјана Јовановска, Борче Начев, Томе Витанов и Трајче Ѓоргиев.

Драматург на претставата е Роберт Урбански од Полска. Музиката е на Горан Трајкоски, а сценографијата и костимите се на Малгорзата Буланда. Проектот е поддржан од Министерствата за култура на Македонија и на Полска.

Претставата ќе биде дел и од програмата со која Министерството за култура ќе се претстави на манифестацијата „Вроцлав, европска престолнина на културата 2016 година“.

Ова, како што рече, е втора копродукциска театарска претстава која ја работи МНТ, по успешната премиера на претставата „Соларис“ во режија на Андриј Жолдак. „Соларис“ е копродукција меѓу Македонскиот народен театар и фестивалот „Винер фествохен“ од Виена, кој е еден од најпрестижните театарски фестивали во Европа. До крајот на годинава планирани се уште три премиери.

Режисерот Гломб изрази задоволство што во Македонија пронашле партнер со кој, како што рече, можеме да ја раскажеме таа наша и ваша и за нас локална приказна. - Многу е важно што ќе соработуваат полските и македонските актери бидејќи таквите соработки ги градат мостовите меѓу културите и државите, рече Гломб. Додаде дека за него ова е прво искуство да работи по туѓ јазик и да биде лишен од директна комуникација со актерите.

Директорот на МНТ Дејан Пројковски информира дека по премиерата, „Прекината одисеја“ во септември ќе има десет изведби во повеќе градови во Македонија. Во ноември годинава ќе се одигра 10 пати и во Полска, поточно во Варшава, Вроцлав, Легнице и Краков.

- Проектот „Прекината одисеја“, имаме идеја со колегата Јацек да ги претставува двата театри на значајни театарски фестивали, рече Пројковски.

("Во МНТ се подготвува копродукцискиот проект „Прекината одисеја“", http://cooltura.mk, 14.07.2016)