Polski reżyser Jacek Głomb kolejny raz gości w Skopje. Powody wizyt były różne, ale zawsze związane z teatrem. Okazja do rozmowy jest podwójna. To gościnne odwiedziny teatru im. Heleny Modrzejewskiej ze spektaklem „Moja Bośnia” w jego reżyserii na scenie Macedońskiego Teatru Narodowego (4 października), ale też przygotowania do macedońsko-polskiego projektu teatralnego, który realizowany będzie w 2016 roku. Z reżyserem rozmawiał Toni Dimkow (po macedońsku).
На големата сцена во Македонскиот народен театар на 4 октомври 2015 година, со почеток во 20 часот, со претставата „Мојата Босна“, поставена на текст од Катажина Книхалска и во режија на Јацек Гломб, гостува театарот „Хелена Моджејевска“ од градот Легница, Полска. Полскиот режисер Јацек Гломб во едно од претходните доаѓања во Македонија веќе ги договори деталите за соработка меѓу театарот од Легница и Македонскиот народен театар. Темата на претставата ќе се однесува на егзодусот на децата-бегалци од Егејска Македонија за време на Граѓанската војна во Грција, а кои живеат во полскиот град Легница.
Практично, кои беа причините за вашите претходни посети на Македонија?
Легница е полски град во кој по Втората светска војна дојдоа бегалци од Македонија. Не дојдоа многу, но во историјата се случуваат многу различни работи и дел од тие луѓе останаа да живеат и да работат во Легница. На една средба што ја одржавме со полскиот амбасадор во Македонија, Н.Е. Јацек Мултановски, а на која беа присутни и деца-бегалци од Егејска Македонија, заклучивме дека има тројца присутни што се родени во Легница. Тоа е првата причина што се заинтересиравме за ова прашање.
Втората, исто така, важна причина е што театарот во Легница го карактеризираат приказни направени врз основа на локални стории. Се разбира дека поставуваме текстови од светската и полската драмска класика, но секогаш претставите ги базираме на локални стории.
До приказните најчесто стигнуваме низ разговори со жителите од нашиот град, а потоа врз основа на нивните животни стории правиме претстава. Така што, кога во историјата на Легница има приказни поврзани со егзодусот на децата-бегалци од Егејска македонија, од периодот 1948-49 година, природно е да се зафатиме и со таа тема, бидејќи и тие се наши сограѓани. На пример, еден од најпознатите доктори во Легница по потекло е токму од Македонија.
Со уметничкиот директор на Македонскиот народен театар, Дејан Пројковски, се познаваме веќе седум години, што е трета причина за моето присуство во МНТ. Во еден разговор го прашав дали е заинтересиран за театарска соработка на темата за Македонците во Легница, на што добив потврден одговор и така почна соработката со МНТ. Со Пројковски се познаваме од основачката конференција на меѓународната театарска мрежа „Интеракт“, што во 2009 година се одржа во Скопје.
Четвртата причина е што се познавам и се дружам со актуелниот полски амбасадор во Македонија, г-дин Јацек Мултановски, кој има многу нови идеи околу културната соработка меѓу двете држави.
Колку државата Полска знае за судбината на децата-бегалци од Егејска Македонија од периодот на Граѓанската војна во Грција во 1948-49 година?
Полската држава знае за судбината на децата-бегалци од Македонија, но тоа не е тема за која постојано се зборува, бидејќи од тој период имаше деца-бегалци и од Грција. Театарскиот проект го правиме за да го популаризираме тоа прашање. Мојот став е дека театарот треба да се занимава со важни работи. Приказната со децата-бегалци од Егејска Македонија е битен фрагмент од историјата на македонскиот и на полскиот народ, на вашата и на нашата земја. Почувствувавме обврска да се зафатиме со тоа прашање.
Дополнително, тоа е фантастична тема за работа во театарска претстава. Како режисер сум направил многу локални стории, но како главни јунаци во претставата многу ретко тоа биле деца. Во проектот што ќе го подготвиме главната приказна ќе биде со деца, кои во текот на претставата ќе растат и ќе созреваат, но почетокот ќе биде со деца. Свеста и емоциите на децата се различни од тие на возрасните луѓе и тоа ќе биде уште еден интересен мотив за работа на претставата.
Врз основа на кое истражување ќе биде направена драматургијата на претставата и кој ќе биде автор на текстот?
Претставата ќе биде базирана на разговори со луѓе, и во Македонија и во Полска. Исто така, ќе биде базирана и на официјални архивски документи од тој период што г-дин Петре Наковски ги објави на македонски и на полски јазик. Тоа е фасцинантно четиво. Збирката документи содржи извештаи, одлуки и многу други материјали што административно се поврзани со тој проблем. Ќе има двајца автори на текстот, полски и македонски, што претставува уште еден предизвик во подготовката на претставата. На тој начин ќе бидат застапени двете гледишта на истиот проблем.
Текстот ќе биде напишан на полски и на македонски јазик, а доколу има потреба ќе биде преведен и на други јазици. Што се однесува до другите сегменти од претставата, режијата, сценографијата и костимографијата ќе бидат подготвени од полската страна, бидејќи дејствието се случува во Полска. За кореографијата и музиката ќе биде задолжена македонската страна, а во однос на актерите ќе учествуваат по десетина глумци од двете страни.
Македонскиот народен театар е првата национална театарска куќа во Македонија. Ќе можете ли да ни кажете нешто повеќе за театарот во Легница, за неговиот статус, структура и репертоар?
Како организациска структура театарот во Легница припаѓа на средните театри. Во театарот се вработени 70 лица, од кои 18 актери. Театарот е финансиран од градот Легница. Театарот често има патувачки карактер, бидејќи изведуваме претстави низ цела Полска и во многу држави низ Европа и во целиот свет. На пример, минатата сезона изведувавме претстави и во Аргентина и во Турција, што покажува колку сме патувачки настроени.
Втората карактеристика на театарот е што често играме претстави надвор од театарската зграда и излегуваме во различни простори низ градот, како фабрички хали, магацини, градски платоа, руинирани објекти, но и во цркви, замоци. Легница е фантастичен град во однос на разновидноста на архитектурата, каде што различни нации имаат оставено свои архитектонски траги. Градот бил под владение на Германците цели 800 години, по Втората светска војна градот ѝ припадна на Полска, но во времето на Советска Русија во градот беше сместен централниот советски гарнизон за Централна Европа.
За Легница често во сленг се употребуваше терминот „Мала Москва“, бидејќи во неа беа стационирани 80.000 војници заедно со нивните семејства. Различни историски збиднувања придонесоа во Легница да има и украинско, но и македонско, грчко, германско малцинство. Тоа, исто така, е фасцинантна тема за раскажување на филм или во театар. Оттаму потекнува љубовта кон локалните приказни што ги поставуваме на сцената во театарот во Легница.
Една од претставите во која учествуваме како копродуценти, а која е со локална тема, е спектаклот „Мојата Босна“, која ја раскажува приказната за полските реемигранти од Босна. Имено, во градот Болеславјец, што се наоѓа на околу 40 километри од Легница, има голема група Полјаци кои по 1946 година од Босна се вратија да живеат во Полска. Во Босна биле преселени за време на Австро-унгарската империја во текот на 19. век, а во 1946 година нивните потомци се вратија во Полска. Во таа смисла и полско-македонскиот театарски проект ќе биде карактеристичен за нашиот театар.
Кои се вашите режисерски карактеристики? Со каква визија и пристап влегувате во поставувањето на театарските проекти?
Визијата се појавува кога ќе ја имате приказната пред себе. Може да се појави веднаш, а може и во последен момент. Сѐ зависи од тоа колку луѓето ќе се отворат кон нас и колку ќе сакаат да ни ја раскажат приказната. На прво место е приказната во текстот, а потоа се размислува за режисерската постапка. Уште една карактеристика на театарот во Легница е што сакаме да создаваме емотивно-експресивни, а не интелектуални претстави. Не сакам интелектуализам во театар. Мислам дека театарот секогаш бил и секогаш ќе биде врзан со емоциите и најважно е тие емоции да бидат вистински, а не вештачки.
Секогаш велам дека театарот е и за плачење и за смеење, но важно е да се постигне и одреден степен на возбуда. Полесно е некого да насмееш, но да предизвикаш трогателни моменти кај гледачите е многу потешко. Како режисер почесто сакам да ја расплачам публиката. И во однос на македонско-полската претстава знаеме дека егзодусот бил сериозна работа, но тоа, пак, не значи дека нема да има светли моменти, бидејќи и во спомените на тие луѓе има светли моменти.
(Тони Димков, „Јацек Гломб: театарот треба да се занимава со важни работи”, http://www.mkd.mk, 4.10.2015)